Компанијата Окта донираше нов инкубатор на одделот за интензивна нега на клиниката

Набавка на нов и сервисирање на три постоечки инкубатори на Интензивниот оддел на Детската Клиника во Скопје е резултат од втората донација од кампањата Шанса за живот. На кампањата иницирана од компанијата ОКТА и Клиниката за детски болести оваа година активно се приклучија над 12 илјади граѓани свесни за потребата од донации за опремување и подобрување на условите на одделението за Интензивна нега каде се борат за својот живот предвремено родените бебиња.

„ОКТА ја започна оваа кампања со намера да направи вистинска промена во овој оддел. Се покажа дека за неколку месеци активна кампања успеавме да направиме нешто што значи многу за овој оддел. Во кампањата, каде ОКТА донира значителна сума на средства, се вклучија и донации од сите граѓани кои сакаа да помогнат, компании, спортски клубови, познати лица. Бебињата во овој оддел се обидуваат да ја извојуваат својата прва битка во животот, а со наша помош им се дава голема шанса за победа. Сакам да напоменам дека со оглед на одличниот одѕив кај граѓаните и реалната потреба од дополнителни донации за овој оддел, ја продолжуваме кампањата и следната година со надеж дека ќе направиме уште повеќе. Би се заблагодарил јавно на сите оние кои се вклучија во оваа кампања и ги повикуваат да ни помогнат да направиме уште поголема промена следната година“, изјави Виктор Папаконстантину, главен извршен директор на ОКТА.

Од досега собраните средства, покрај новиот инкубатор, поправката на веќе постоечки три инкубатори, компанијата ОКТА од свои средства реализираше и донација во Клиника за детски болести со која што беа набавени пулсоскиметри, аспиратори и перфусори.

Според Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, кампањата ја разбуди јавната свест, дава резултати со вистинско менување на реалноста во одделот за интензивна нега.

„Шанса за живот е кампања што овозможува повеќе начини за донирање, за поединци, компании или организации. Ова е кампања што обединува и го инволвира секој хуман човек со мала донација да придонесе за голема промена. Токму затоа, досега даде одлични резултати, а ние, докторите и целосниот персонал на Интензивното одделение најдобро го гледаме ефектот преку олеснувањето на нашите секојдневни предизвици. Зголемен е обемот на работа во овој оддел, каде капацитетот е останат на исто ниво последниве неколку децении. Кога се менуваат условите за работа, треба да се промени и целосниот концепт на функционирање. Тоа ние на Клиниката најдобро го покажуваме како пример. Ги повикуваме сите граѓани, компании да се вклучат и следната година и да заеднички да направиме многу повеќе за овие наши малу борци “, изјави Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *