Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести – Скопје успешно го заврши процесот за акредитација за стандарди и критериуми за квалитет на здравствена дејност, со што се стекна со сертификат со важност од три години.
Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи (АКАЗУМ), на крајот на минатата недела го додели сертификатот за акредитација на Медицинскиот директор Валентина Цвејоска Чолаковска и на Организацискиот директор м-р Аркин Јахији, како и на членовите на тимовите на Клиниката кои макотрпно во изминатиот период работеа на создавањето и на одржувањето на стандардите за реакредитација на нашата установа.
Ова е трета акредитација по ред на ЈЗУ Универзитетска клиника за Детски болести – Скопје, инаку втора со период на важност од три години. Со ова, нашата Клиника го потврди и го докажа унапредувањето на квалитетот на своето работење, создавајќи што е можно подобри услови, процеси и процедури во насока на третманот на детското здравје и на организацијата на медицинските услуги.
Огромна благодарност до сите вработени кои максимално посветено и професионално работеа сите овие години да стигнеме до целта, особено до членовите на тимовите и Комисијата за унапредување на квалитетот на здравствената дејност.
Детската клиника беше меѓу првите три акредитирани здравствени установи во државата, откако пред десет години започна процесот на акредитација за квалитет на здравствени услуги преку АКАЗУМ.
Постапката за надворешно оценување на Детската клиника беше спроведена од експертски тим – овластени надворешни оценувачи назначени од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи и беше реализиран во текот на втората половина на мај годинава.
Надворешното оценување претставува најважен дел од процесот на акредитација на здравствената установа.