Универзитетската клиника за детски
болести – Одделот за хематологија и онкологија со големо задоволство ја пречека делегацијата од Центарот за детска онкологија „Принцеза Максима“ од Утрехт, Холандија. Во рамките на посетата реализирана е и средба со министерот за здравство, Проф. Азир Алиу, кој изрази поддршка за соработката меѓу двете институции. Нашата институција потпиша Меморандум за соработка со „ Принцеза Максима“, најголемиот центар за детски канцер во Европа.
Професорот Роб Питерс изјави: „Нашиот интернационален тим со голем ентузијазам ја започнува оваа соработка и е импресиониран од амбициите на Центарот во Скопје за подобрување на квалитетот на грижата за децата со рак. Ова совршено се вклопува во нашата програма за партнерство (twinning) во Европа.“
Оваа стратешка соработка има за цел унапредување на третманот за деца со рак во Северна Македонија преку заеднички активности во областа на едукацијата,
клиничката пракса и научно-истражувачката работа. Главните области на соработка
опфаќаат:
- Размена и обука на стручни кадри во детска онкологија
- Развој на современи терапевтски протоколи
- Воспоставување на трансплантација на хематопоетски матични клетки
- Поддршка за учество во клинички студии
- Подобрување на дијагностиката преку молекуларни и геномски методи и
проточна цитометрија - Лекување на сложени случаи во Центарот „Принцеза Максима“
Ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на третманот за децата со
рак во Северна Македонија и јакнење на меѓународната соработка во детската
онкологија.
Меморандумот е потпишан од Д-р спец. Реџеп Мемеди- директор на Универзитетската
клиника за детски болести, проф. д-р Светлана Кочева-раководител на Одделот за
хематологија и онкологија, и проф. д-р Роб Питерс, раководител на одделот „Максима
Интернационал“ и член на Извршниот одбор на Центарот „Принцеза Максима“







