Во присуство на министерот за здравство Проф. Д-р Арбен Таравари, денеска директорот на Универзитетската Клиника за детски болести- Д-р спец. Реџеп Мемеди и амбасадорот на Јапонија- неговата екселенција г-дин OTSUKA Kazuya, потпишаа договор за грант – донација на мобилен Рентген апарат наменет за неонаталните и педијатриските пациенти на Универзитетската Клиника за детски болести-Скопје.
Директорот Мемеди, во името на целиот персонал на Универзитетската Клиника за детски болести и во негово лично име изрази голема благодарност до Амбасадата на Јапонија во РСМ, до Амбасадарот на Јапонија- неговата екселенција г-дин OTSUKA Kazuya и до јапонскиот народ- кои уште еднаш, со оваа значајна донација на функционален мобилен рендгенски апарат за неонатални и педијатриски пациенти, покажаа голема хуманост спрема децата, нашите пациенти, а и спрема граѓаните на нашата земја.
Донацијата ќе биде од голема корист бидејки ќе овозможи брза и прецизна дијагноза и поквалитетни медицински услуги на најмалите пациенти, а исто така ќе го намали времето на чекање за преглед и ризикот од компликации ако симптомите на болеста не се дијагностицираат и лекуваат на време. Ефикасноста на мобилната дигитална технологија за снимање ќе помогне да се елиминираат повторните рендгенски прегледи и непотребниот транспорт или промени во позицијата на телото на пациентот.
Тоа значително би им помогнало на новороденчињата, особено на предвремено родените новороденчиња, бидејќи нивните посебни медицински состојби често значат дека тие не можат да бидат извадени од нивните инкубатори и транспортирани до статички рендгенски апарат, a ќе биде од помош и на критично болните деца кои не можат да бидат транспортирани надвор од нивните болнички кревети.
Д-р Мемеди изрази голема благодарност и до министерството за здравство и до почитуваниот министер Арбен Таравари за поддршката што ја даваат, со желба за уште поголема взаемна соработка со Амбасадата на Јапонија со цел обезбедување квалитетна 24 часовна здравствена заштита за неонаталните и педијатриските пациенти.