Почитувани граѓани,
Универзитетската клиника за детски болести – Скопје е највисоката педијатриска установа во државата, каде што најтешките случаи на деца со различни болести, честопати и критични случаеви, доаѓаат од сите градови и од сите болници на нашата земја.
Тимот од педијатриски стручњаци на оваа Клиника во просек лекуваат 5000-6000 деца месечно, случаи со благи до најкомплицирани и тешки дијагнози . Деноноќно, 24 часа, лекарите и медицинските сестри се во служба на малите пациенти, го даваат својот максимум со цел најпрофесионално да им помагаат на пациентите.
Огромното мнозинство од пациентите успешно се лекуваат, на Клиниката доаѓаат во тешка здравствена состојба а излекувани ја напуштаат Клиниката.
Но, не секогаш среќата е на страната на лекарите и медицинските сестри кои, иако го даваат целиот свој професионален и човечки труд за да ги спасат животите на малите деца, понекогаш со скршено срце се принудени да им ја соопштат горката вест на нивните родители.
Но, тоа не значи дека е направена некаква грешка во лекувањето, како што беше претпоследниот случај со смртта на бебето од Струмица, каде здравствениот инспекторат констатираше дека нема пропуст во лекувањето.
И за последниот случај кој беше објавен во медиумите, нашиот тим максимално се трудеше со највисок професионализам, но за жал немаше успех.
За сите овие случаи персоналот на Клиниката секогаш изразува жалење и солидарност со семејствата на пациентите.