Центарот за цистична фиброза при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје овие два дена е домаќин на медицинскиот тим од Центарот за Цистична Фиброза при Универзитетската клиника Шарите (University Clinic Charité), во Берлин. Како дел од твининг проект под покровителство на Европското здружение за цистична фиброза, педијатри пулмолози, специјализирани медицински сестри, физиотерапевти и нутриционисти од двата тима предводени од Доц. д-р Валентина Цвејоска Чолаковска и Проф. д-р Мирјам Штал, во следните денови ќе имаат можност да ги дефинираат идните предизвици во рана дијагностика, современ третман и следење на пациентите со ЦФ, да разменат искуства и да го продлабочат партнерството во следниот период.
Директорот на Клиниката Д-р спец. Реџеп Мемеди, заедно со тимовите се сретнаа со Министерот за здравство, Проф. Азир Алиу како и со државниот секретар во МЗ Д-р Бесим Мемеди.
Тие ја потврдија нивната заложба за следење на најсовремените трендови и водичи за лекување на пациентите со Цф.
Меѓународната соработка е важна, особено кога нуди едукација и размена на искуства на медицински кадри во светски еминентни центри.




